Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, излезе со контроверзен став во пресрет на Светското првенство 2026 година, повикувајќи ги навивачите од безбедносни причини да не патуваат во Соединетите Американски Држави.
Мундијалот е закажан од 11 јуни до 19 јули и ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, но Блатер смета дека условите во САД отвораат сериозни прашања.
„За навивачите имам само еден совет: избегнувајте ги Соединетите Американски Држави. Постојат работи кои, со право, го доведуваат во прашање одржувањето на ова Светско првенство“, напиша Блатер, кој беше на чело на ФИФА од 1998 до 2015 година.
Тој дополнително ја образложи својата позиција со критики кон политичката и општествената состојба во земјата домаќин.
„Она што го гледаме во САД, маргинализација на политички противници, злоупотреби на имиграциските служби и слично, тешко може да ги охрабри навивачите да патуваат таму“, додаде Блатер, порачувајќи и дека „подобар поглед ќе имаат пред телевизор“.
Уште подиректен беше швајцарскиот адвокат Марк Пит, експерт за борба против корупција, кој во минатото работеше со Блатер на реформи во ФИФА.
„Навивачи, избегнувајте ги Соединетите Американски Држави. И онака ќе имате подобар поглед на телевизија. По пристигнувањето, навивачите треба да очекуваат дека, ако не се однесуваат како што треба кон властите, веднаш ќе бидат испратени дома. Ако имаат среќа“, изјави Пит.
Изјавите предизвикаа бурни реакции во фудбалската јавност и повторно отворија дебата околу безбедноста и организацијата на Светското првенство во 2026 година.