Поранешниот холандски репрезентативец Квинси Промес направи неочекуван пресврт во судскиот процес кој се води против него, откако призна дека со нож нападнал и повредил човек за време на семејна расправија во 2020 година. На последното рочиште, неговата одбрана потврди дека фудбалерот нанел физички повреди, што е спротивно на претходните ставови и негирања. Со тоа, Промес за првпат јавно ја призна својата улога во инцидентот.
Адвокатката откри дека конфликтот започнал поради наводна кражба на семеен накит. Расправијата ескалирала, а ситуацијата прераснала во физичка пресметка во која бил употребен нож. Одбраната посочи дека Промес сега е „целосно искрен“ и признал дека го повредил својот роднина со мало сечило.
Инаку, пред правните проблеми, Промес имаше успешна кариера. Афирмацијата ја стекна во Твенте, а подоцна настапуваше за Спартак Москва, Севиља и Ајакс.
За репрезентацијата на Холандија одигра 50 натпревари во периодот од 2014 до 2021 година и беше дел од тимот кој стигна до финалето на Лигата на нации во 2019 година.