Поранешниот фудбалер на Ливерпул и Њукасл, Дени Гатри, е назначен за нов технички директор на фудбалската академија на Ал Хад во Обединетите Арапски Емирати.
Овој нов професионален предизвик за 38-годишниот Англичанец доаѓа три години по неговиот финансиски колапс, објави „Сан“. Гатри во 2021 година прогласи банкрот откако не успеа да врати долг од 115.000 евра на свој пријател кој му ги позајмил за купување на куќа. Средствата му ги дал бизнисменот Крис Хит, кој никогаш не ги добил назад, ниту по продажбата на имотот, па јавно изјави дека се чувствува изневерено.
Гатри својата кариера ја започна во младинската академија на Манчестер јунајтед, а подоцна дојде и до Ливерпул. Во 2008 година се пресели во Њукасл за 2,8 милиони евра и за клубот настапи на 100 натпревари. Сепак, по заминувањето од „Сент Џејмс Парк“ неговата кариера тргна во надолна линија, а по неколку кратки ангажмани во кои немаше преголем успех, се соочи и со сериозни финансиски проблеми по завршувањето на играчката кариера.