На 29 годишниот македонски интернационалец од редовите на
хрватскиот прволигаш Осијек, напаѓачот Музафер Ејупи не му оди баш најдобро во
новата сезона од тамошниот фудбалски шампионат. По 11 кола во Хрватска, Ејупи
постигна два гола во десет настапи за својот тим.
Според пишувањата на хрватски „24часа“, се вели дека
нашиот напаѓач е премногу нервозен на теренот во последниот период, а
Македонецот не успеа да погоди во мрежата од голот на противничките екипи веќе
еден месец, а веќе му се заканува и преселба на клупата за резервни фудбалери.
Она за што исто така пишува претходно наведениот хрватски
медиум е гестот на нашиот интернационалец на последниот меч за Осијек, каде
неговиот тим со двата гола на Босанецот Хајрадиновиќ славеше со 2-1 над
последнопласираната Истра, а интересно, босанскиот интернационалец со автогол
го постигна единствениот погодок за гостите.
Ејупи при едно изведување на слободен удар од страна на
Хајрадиновиќ иронично му ракоплескал на својот соиграч, поради лошиот начин на
изведување на истиот прекин.
„Учинокот на Ејупи со лоша игра најмногу го фрустрира
самиот фудбалер, свесен е за тоа и тренерот Зекиќ кој најави измени во тимот“ пишува хрватскиот медиум.
„На темел на игрите во Европа на некои фудбалери им дадов
голем кредит, постојано се во тимот а ништо не добив за возврат. Лошо се
чувствувам поради тоа и затоа ќе менувам некои работи“ најави стратегот од
клупата на Осијек, свесен дека дел од неговите фудбалери „полетале“ по
одличните партии во Европа изминатото лето.
Инаку, како за потсетување, Ејупи беше вистински
предводник на својот тим во квалификациите за Лига Европа, Осијек стигна до
плејоф рундата од квалификациите за тоа натпреварување и несреќно беше сопрен
од Австрија Виена, а нашиот напаѓач беше прв стрелец за едно од најпријатните
изненадувања во Европа изминатото лето, ако се земе во предвид дека тоа
најмногу го почувствува на своја кожа холандски ПСВ, кој беше елиминиран токму
од Осијек.
Извор: 24sata.hr