Наполи освои важни три бода на гостувањето кај Лече, откако со пресврт славеше со 2-1 во рамките на 29. коло во Серија А.
Домаќините одлично го отворија натпреварот и уште во третата минута стигнаа до водство преку Џамил Зиберт, а таа предност успеаја да ја задржат до заминувањето на пауза.
Во второто полувреме Наполи заигра многу поофанзивно и брзо го пронајде патот до мрежата. Хојлунд во 47. минута донесе израмнување и го запиша својот десетти гол во сезоната во Серија А. Пресвртот на гостите го комплетираше Матео Политано, кој погоди околу дваесет минути пред крајот и му донесе цел плен на својот тим.
Со оваа победа Наполи стигна до 59 бода и останува во трката на врвот, со само еден бод помалку од Милан, кој утре игра против Лацио.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас беше стартер и го одигра првото полувреме, а во продолжението неговото место во тимот го зазеде Мектоминеј.