Ко-сопственикот на Манчестер јунајтед, Сер Џим Ратклиф веќе остварил контакт со Герет Саутгејт, но „ѓаволите“ не брзаат да му дадат отказ на Рубен Аморим најмногу поради клаузулата за компензација од 12 милиони фунти.
Манчестер јунајтед вчера повторно потфрли и загуби со 3-1 на гостувањето кај Брентфорд, па повторно се вратија написите за отказ на Рубен Аморим.
Стратегот има очајни бројки, од 33 натпревари во Премиерлигата има дури 17 порази и се уште нема врзано две победи во најсилното првенство на Англија.
Како што пренесува Токспорт, ко-сопственикот на Манчестер јунајтед, Сер Џим Ратклиф веќе остварил контакт со Герет Саутгејт.
Поранешниот селектор на Англија беше опција за клупата на „ѓаволите“ и кога клубот од Олд Трафорд го ангажираше Рубен Аморим минатата година, но тој тогаш не беше заинтересиран за враќање на фудбалот.
Токспорт додава дека на листата со желби на Манчестер јунајтед се наоѓаат уште две имиња – Оливер Гласнер од Кристал Палас и Андони Ираола од Борнмут.
Но „ѓаволите“ не брзаат да му дадат отказ на Рубен Аморим најмногу поради клаузулата според која ќе треба на Португалецот да му се исплати компензација од 12 милиони фунти доколку отказот дојде во првата година.
Тоа би значело дека евентуалната промена ќе се случи на почетокот од ноември месец.