Шкотскиот гигант Селтик денеска му врачи отказ на тренерот Вилфред Нанси, по само 33 дена на клупата и дури шест порази во осум одиграни натпревари.
Од клубот соопштија дека договорот со францускиот стратег е раскинат, а заедно со Нанси, Селтик го напуштаат и неговите соработници од стручниот штаб, како и шефот на фудбалските операции, Пол Тисдејл.
Нанси на клупата го наследи Брендан Роџерс, но неговиот старт беше катастрофален. Ги загуби првите четири натпревари, меѓу кои и финалето од Лига купот против Абердин, а вкупно во осум натпревари доживеа шест порази со тимот од Глазгов.
Последен пат Селтик под водство на Нанси настапи во саботата, во големото градско дерби против Ренџерс, кое го загубија со 1-3.
Следниот натпревар Селтик ќе го одигра во сабота против Данди јунајтед, со што започнува исклучително напорен период од осум натпревари во само 24 дена.
Во овој момеент Селтик се наоѓа на втората позиција на табелата со 38 бодови, исто колку и третопласираниот Ренџерс. На врвот е Хартс со 44 бодови.