Навивачите на Фиорентина со години го носеа транспарентот „Бог простува, Ригано не“ како потсетник на еден од најважните моменти во клупската историја. Кристијан Ригано кој денес има 51 година остана запаметен како центарфорот што го предводеше враќањето на клубот на големата сцена.
Во Фиренца пристигна во 2002 година. Тогаш клубот се викаше Флорентија Виола и настапуваше во Серија Ц, откако беше прогласен банкрот.
„Во градот владееше спортска депресија. Клуб со толкава традиција пропадна за ситни пари“ се сеќава Ригано. Од самиот старт почна да постигнува голови. „Во првата сезона дадов 30 голови и од таму тргна сè. Каков идол, јас сум обичен човек. Од утро до вечер сум на градилиште. Луѓето ме сакаат и тоа ми значи многу. Ме запираат но не затоа што сум бил ѕвезда туку затоа што секогаш сум бил пристоен и чесен. Тоа ми е најголемо задоволство“ изјави Ригано за Газета дело Спорт.
Неговата приказна е полна со труд и борба. Постигнуваше голови во секоја лига пред да стигне до највисокото ниво.
„Во мое време не беше лесно. Мораше да се пробиваш со лактите. Многумина ми велат дека дојдов доцна но јас велам дека имав среќа што воопшто успеав. Знаете колку талентирани играчи се губат низ пониските лиги особено тогаш. Денес ако дадеш пет голови вредиш дваесет милиони. Јас постигнував насекаде освен во третата лига. Но рекордите се тука само да ме потсетат од каде сум тргнал. Секогаш уживав дури и меѓу аматерите. Никогаш не сум глумел ѕвезда. Се вратив на она што го работев како дете на занаетот ѕидарство. Во животот две работи ги знам добро постигнување голови и ѕидање куќи. Не можеш во четириесеттите да се измислуваш повторно.
Ако седам дома би полудел. И нормално мора да се работи за да се живее. Не лажам. Не заработив толку за да живеам од старата слава. Ако имав десет милиони во банка ќе бев поспокоен“ кажа Ригано.
Во кариерата настапуваше за Липари, Месина, Игеа Виртус, Таранто, Фиорентина, Емполи, Леванте, Сиена, Тернана, Кремонезе и Рониндела. Неговата професионална кариера траеше од 1993 до 2011 година.