Некогаш еден од најдобрите дефанзивци во светот и поранешен капитен на Челси, Џон Тери, има биографија на која би ѝ завиделе многумина. Сепак, и покрај големата кариера, денес не може да најде соодветен тренерски ангажман, што, како што признава, му создава голема фрустрација.
Тери, кој како фудбалер освои Лига на шампиони и дури пет пати беше шампион на Англија со Челси, од јули 2023 година чека вистинска можност да седне на тренерска клупа.
Во разговор за „Дејли мејл“, поранешниот капитен откри дека неговата најголема желба е еден ден да го води токму Челси, иако е свесен дека тој сон можеби никогаш нема да се оствари.
„Искрено, не сум сигурен дека тоа ќе се случи. Тоа е мојот последен голем сон. Во Челси постигнав сè што можев како играч, а единственото што ми недостига е да бидам менаџер,“ изјави Тери.
Тој додава дека очекувал своето искуство како помошник-тренер во Премиерлигата и како поранешен играч на највисоко ниво да биде доволно за да добие шанса, дури и во пониските лиги.
„Не зборувам за работа во Премиерлигата или Чемпионшипот, туку барем во Лига 1,“ вели тој.
Како што вели Тери, не пристигнуваат ниту такви понуди.
„Ниту една можност не добив. Имав неколку разговори, но одговорот секогаш беше ист, „немате искуство’. Кога ќе видам кои сè луѓе денес водат тимови, навистина сум збунет. Дали сум фрустриран? Апсолутно. Убеден сум дека имам многу квалитети да бидам одличен тренер или менаџер, но, за жал, тоа засега не можам да го докажам,“ заклучи Тери.