Од почетокот на јануари Џеси Лингард е без клуб, откако ја заврши својата авантура во Сеул, а 33-годишниот фудбалер во моментов е еден од најбараните слободни играчи на пазарот. Интерес за неговите услуги има од повеќе страни, а изгледа дека договорот е на повидок.
Поранешниот играч на Манчестер јунајтед наводно добил понуда и од Премиер лигата, од редовите на Вест хем, но таа опција засега не делува како најреална. Многу поатрактивна за Лингард е можноста да се пресели во Холандија и да го облече дресот на Фејенорд.
Трансферот во Ротердам за него би значел соработка со Робин ван Перси, а дополнителен мотив е и фактот што холандскиот клуб може да му обезбеди значајна минутажа, особено поради повредата на Шакил ван Перси.
Интерес за Лингард постои и од Италија, каде Џенова прва испратила сигнал, но конечната одлука ќе биде исклучиво во рацете на искусниот фудбалер.
Лингард ја започна кариерата во Манчестер јунајтед, каде пристигна уште како осумгодишник, а низ годините беше позајмуван во Лестер, Бирмингем, Брајтон, Дерби и Вест хем. Една сезона мина и во Нотингем форест, додека во Сеул се задржа речиси две години пред повторно да стане слободен агент.