Стивен Џерард ќе
остане запаметен како икона и легенда на Ливерпул откако целата своја кариера
ја помина на Енфилд. Англичанецот потекнува од школата на „црвените“, во 1998
дебитираше за првиот тим, стана капитен и го напушти клубот во 2015, на залезот
од својата кариера.
Во текот на
годините, на негова адреса пристигнаа бројни понуди, најблиску до заминување
беше во 2005 кога дури достави и официјално барање за трансфер во обид да
изнуди преселба во редовите на Челси, каде тренер тогаш беше Жозе Мурињо.
Во разговор со
неговиот стар пријател и поранешен соиграч, Џејми Карагер тој сега проговори за
понудата од Стемфорд Бриџ.
„Морам да
прифатам дека и јас одиграв одредена улога и флертував со Челси, тоа се случи
поради егото и заладениот однос со Рафа Бенитез. Да бев малку позрел или да
имав малку поголемо искуство, сигурно ќе ги избегневме сите тие сра*а кои се
појавија низ медиумите. Мило ми е што не се случи трансфер, но веројатно морав
да го сторам тоа за Ливерпул да сфати каков играч има во своите редови. Не жалам
што не се преселив во Челси“ – вели Стивен Џерард.
Пет години
подоцна, Жозе Мурињо имаше нов обид да го ангажира Стивен Џерард, овој пат како
тренер на Реал Мадрид.
„Се прашувам што
би било доколку не се случеа овие работи со Челси кога Мурињо направи нов напор
да ме ангажира во 2010. Не може да не свртиш наназад и да се прашаш како би
изгледало една или две години во Реал Мадрид, да настапуваш за Мурињо во Лигата
на шампионите со големиот Реал, неверојатно искуство… но тоа не се случи.
Реал бараше да влезам во војна со Ливерпул, тоа беше
единствениот начин за преселба во Мадрид“.
Уште еден гигант
тропна на вратата на Стивен Џерард, во 2012 интерес пројави и Баерн
Минхен.
„Имавме сериозни
разговори, почнав да се прашувам колку е голем Баерн Минхен и какво ќе биде
искуството да играм во Бундеслигата. Но од друга страна си викаш, „Почекај, јас
сум капитен на Ливерпул, не ми треба промена. Играм за огромен клуб, зошто да
го расипам односот кој го имам со Ливерпул?“ Па и тогаш ништо не се случи“.