Валенсија со три бода заминува од гостувањето на „Бернабеу“, Уго Дуро во 95. минута го шокираше Реал Мадрид и го сопна во трката за титулата во Ла Лига.
Популарните „Лос че“ се радуваат на прва победа во Мадрид против Реал Мадрид по долги 17 години.
Попладнево, Валенсија славеше со 1-2 на „Бернабеу“, Уго Дуро со гол во последните секунди го шокираше фаворитот.
Винисиус Жуниор промаши пенал во 13. минута, и казната стигна веднаш, Диакаби донесе 0-1 во 15. минута.
Бразилецот се искупи на стартот од вториот дел кога се најде на право место по еден корнер и ја затресе мрежата за 1-1.
Реал Мадрид потоа притисна по трите бода но Мамардашвили со одлични интервенции ги фрустрираше ѕвездите на Анчелоти.
И кога се чинеше дека ќе нема победник, една дупка во одбраната на домаќините отвори шанса за Валенсија, Уго Дуро не пропушти и постигна гол за 1-2 во 95. минута и големо славје.