Доминик Ливаковиќ се враќа во својот „дом“?

by 24 фудбал
1 минути читање

Од Шпанија доаѓаат најави за големо враќање на хрватската фудбалска сцена, откако Доминик Ливаковиќ е на чекор повторно да го облече дресот на Динамо Загреб. Според тврдењата на шпанскиот новинар Нило Сола, искусниот голман добил дозвола да го напушти тренинг процесот пред официјалниот старт на преодниот рок, со цел да ги финализира преговорите за трансфер кој веќе подолго време се подготвува. Наводно, Ливаковиќ со недели ја гледа само една опција и тоа враќање на „Максимир“.

Истите информации откриваат дека трансферот би можел да биде реализиран многу брзо, а хрватскиот репрезентативец наскоро би требало да отпатува во Загреб на потпис на договор. Се шпекулира дека меѓу Динамо и Фенербахче веќе постои начелен договор, при што не е исклучена можноста станува збор за постојан трансфер со финансиска отштета.

Посебно значајна улога во целата приказна има самиот Ливаковиќ, кој наводно силно инсистира на враќање во матичниот клуб и е подготвен да се откаже од дел од примањата кои му ги гарантира актуелниот договор со турскиот гигант. Во Динамо, пак, постои јасна желба репрезентативниот чувар на мрежата повторно да застане меѓу стативите, а останува да се види колку ќе бидат подготвени челниците од Загреб да одат далеку во преговорите со Фенербахче за да го реализираат овој трансфер.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×