Доказ за проблемите на Барселона: Потребни им беа четири години да го исплатат тренерот кој доживеа историски дебакл

by Стефан
1 минути читање

Поранешниот тренер на Барселона, Кике Сетиен, откри дека чекал речиси четири години за каталонскиот гигант конечно да му ги исплати сите обврски по отказот во 2020 година. Во разговор за шпанските медиуми, 67-годишниот стратег проговори за неверојатното доцнење, но и за уште една правна битка, овојпат со Виљареал, од кого наплатата ја чека веќе речиси три години.

Во интервју за познатата шпанска радио-емисија „Ел Ларгеро“, Сетиен потврди дека ова поглавје конечно е затворено, иако со големо задоцнување кое, според него, јасно ги отсликува сериозните финансиски проблеми и проблемите со ликвидноста со кои клубот се соочувал во изминатите години.

По отказот, Сетиен отворил судска постапка со цел да ги наплати своите побарувања, но сега вели дека повеќе нема отворени долгови кон него.

„На Барселона ѝ беа потребни три или четири години за да ми исплати“, искрено призна Сетиен.

„Сè е решено. Ги исполнија сите обврски што ги имаа кон мене и веќе ништо не ми должат“.

Престојот на Сетиен на клупата на „Камп Ноу“ беше краток и турбулентен. Тој беше назначен во јануари 2020 година, среде сезона, како наследник на Ернесто Валверде.

Неговиот мандат траеше само седум месеци и на 25 натпревари забележа 16 победи, четири ремија и пет порази, освојувајќи го второто место во Ла Лига, зад Реал Мадрид. Сепак, ерата на Сетиен во Барселона ќе остане запаметена речиси исклучиво по катастрофалниот пораз од 8-2 против Баерн Минхен во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×