Македонија го игра последниот натпревар на домашен терен од квалификациите за Светското првенство.
Само вторпат во историјата сме близу и во трка за пласман на еден Мундијал, а еуфоријата во земјава не го отсликува тоа. Веројатно Казахстанците не се доволно атрактивен ривал за трибините на „Тодор Проески“ да бидат полни до последно место, па се очекува на трибините да има околу 20.000 навивачи.
Досега се продадени околу 17.000 билети за натпреварот преку онлајн платформата на ФФМ. Покрај тоа, во текот на денот ќе работи и билетарата на Арената, па се очекува бројот да се зголеми.
ФФМ се реши за убав чекор, па Источната трибина ќе биде за најмладите. Бесплатен ќе биде влезот за основците со родител, а исто така и за организирана посета од страна на фудбалските школи кои се натпреваруваат во Детската лига.