Сонот на Трент Александер Арнолд за трансфер во Реал Мадрид брзо се претвори во разочарување, откако шпанските медиуми најавуваат дека клубот повеќе не смета на услугите на англискиот репрезентативец.
Поранешниот фудбалер на Ливерпул пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 2025 година по истекот на договорот со клубот од „Енфилд“, но не успеа да се наметне во составот на Реал Мадрид. Иако од него се очекуваше да биде клучна фигура по десната страна и да ги снабдува со топки Килијан Мбапе и Винисиус Жуниор, честите повреди и слабата форма го оставија во втор план.
Оваа сезона Александер Арнолд забележа само 11 настапи, а последен пат играше на почетокот на декември. Според El Nacional, привремениот тренер Алваро Арбелоа веќе му соопштил дека не е дел од плановите и дека за него нема да има минутажа од спортски причини.
Во клубот сметаат дека Англичанецот не се прилагодил целосно, дека бил несигурен во одбраната и недоволно конкретен во нападот, поради што Реал е подготвен да ја затвори оваа епизода уште во летниот преоден рок. Се очекува Александер Арнолд да побара нова средина, а како најреална опција се споменува враќање во Премиер лигата, па дури и можен камбек во Ливерпул. Во меѓувреме, неговата ситуација може негативно да се одрази и на статусот во англиската репрезентација во пресрет на Светското првенство 2026.