„Дојде денот…“ – Салах со емотивно видео неочекувано најави дека заминува од Ливерпул

by bojan
2 минути читање

Мохамед Салах вечерва објави емотивно видео со кое неочекувано најави дека заминува од Ливерпул по крајот на сезоната.

Мо Салах стави потпис на нов договор со „црвените“ до 2027, но по слабите партии на Ливерпул на крајот од оваа година, почнаа да кружат гласини за заминување на напаѓачот.

Ситуацијата кулминираше во декември, кога фудбалерот од Египет излезе со експлозивно интервју, се пожали дека бил пуштен низ вода и посочен како главен виновник за лошите резултати.

Тој исто така откри дека нема никаков однос со тренерот Арне Слот, а неговите коментари не поминаа добро на „Енфилд“.

Тогаш се шпекулираше дека Мохамед Салах веќе го одиграл последниот натпревар во црвениот дрес, но двете страни на крајот успеаја да најдат компромис и напаѓачот продолжи да игра.

И токму кога се чинеше дека недоразбирањата се минато, ѕвездата на Ливерпул вечерва објави емотивно видео со кое неочекувано најави дека заминува од Ливерпул по крајот на сезоната.

„За жал дојде денот“ – вели Салах. „Ова е првиот дел од моето збогување, ќе го напуштам Ливерпул на крајот од сезоната“.

„Искрено, никогаш не помислував дека овој клуб, овој град и овие луѓе ќе станат толку голем дел од мојот живот“.

„Ливерпул не е само клуб, тоа е страст, историја и посебен дух што не може да се објасни со зборови на оние што не го доживеале“.

„Заедно славевме победи, освојувавме трофеи и поминавме низ најтешките моменти рамо до рамо“.

„Им благодарам на сите што беа дел од моето патување тука – особено на соиграчите и на навивачите… навистина немам доволно зборови. Поддршката што ми ја дадовте во најубавите, но и во најтешките моменти, никогаш нема да ја заборавам, ќе ја носам со себе засекогаш“.

„Не е лесно да се замине. Ми ги подаривте најубавите години од животот, јас секогаш ќе бидам еден од вас. Овој клуб ќе остане мој дом засекогаш, за мене и за моето семејство. Ви благодарам за сè. Благодарение на вас, никогаш нема да одам сам.“

Можно е и ова да ти се допаѓа

×