Дејан Станковиќ е на чекор до враќање на клупата на Црвена звезда, откако челниците на белградскиот клуб веќе донеле одлука за промена на тренерската позиција, пренесува „Спорт клуб“. Според истите информации, на „Маракана“ одамна е познато кој ќе го предводи тимот во продолжението од сезоната.
Одлуката за разделба со Владан Милојевиќ била донесена уште пред дуелот со Штурм, а дури ни серијата од три победи во Лига Европа и практично обезбедениот пласман во нокаут-фазата не ја сменила позицијата на клупското раководство.
Станковиќ, кој неодамна доби отказ во московски Спартак, моментално престојува во Белград, а од Црвена звезда веќе добил сигнал дека клубот повторно смета на неговите услуги. По неуспешните обиди да се постигне договор со Риера, челниците на српскиот шампион одлучиле да му ја дадат довербата на Станковиќ.
Иако резултатите на европска сцена беа позитивни, Милојевиќ нема да остане на функцијата, а договорот ќе биде раскинат околу шест месеци пред неговото истекување. Крајот на есенскиот дел од сезоната ќе ја означи и официјалната разделба.
Станковиќ според најавите треба да биде официјално претставен по зимската пауза и да го преземе тимот уште од првиот ден на подготовките, закажани за 3 јануари.