Раководството на Милан постигна значаен успех откако беше договорено продолжувањето на соработката со Мајк Мењан, па францускиот чувар на мрежата ќе ја продолжи верноста кон „росонерите“ со нов долгорочен договор.
Актуелниот договор на Мењан истекуваше на крајот од оваа сезона, а ситуацијата во изминатиот период беше неизвесна, бидејќи голманот во текот на летото сериозно размислуваше за трансфер во Челси. Плановите за заминување беа стопирани со доаѓањето на Масимилијано Алегри, кој инсистираше Мењан да остане клучен дел од проектот на Милан. Италијанскиот стратег успеа да го убеди Французинот да ја промени одлуката, по што повторно беа отворени преговорите со клубот.
Според договореното, Мењон ќе заработува основна плата од пет милиони евра по сезона, дополнета со бонуси кои можат да достигнат уште два милиони евра. Со тоа тој ќе се израмни со Рафаел Леао на врвот на листата на најплатени фудбалери во тимот. Во последните два дена беше надмината и последната пречка поврзана со провизијата за агентот, па сега останува само формалното потпишување. Новиот договор ќе го врзе голманот до јуни 2031 година.
Ова се одлични вести за „росонерите“ на денот на дербито против Рома во Серија А.