Столе Димитриевски наскоро повторно ќе биде во комбинација за Валенсија, откако успешно закрепнува од лесната повреда на левото рамо, објавуваат шпанските медиуми.
Македонскиот репрезентативец извесен период не тренираше со тимот, но според најавите денес ќе им се приклучи на соиграчите, а се очекува да биде во конкуренција за пријателскиот натпревар против Борусија Менхенгладбах кој ќе се одигра в сабота во Германија.
Заздравувањето на Димитриевски оди побрзо од очекуваното, што е одлична вест за Валенсија пред почетокот на новата сезона. По заминувањето на Мамардашвили во Ливерпул, токму поранешниот голман на Рајо Ваљекано се гледа како прва опција меѓу стативите на „Местаља“.
Димитриевски пристигна во редовите на шпанскиот гигант минатото лето, а по импресивните настапи во дресот на Рајо сега има шанса да ја добие целосната доверба на тренерот и конечно да застане на голот како прв избор.