Во Шведска се одвива вистинска фудбалска бајка. На шест кола до крајот на сезоната, лидер на табелата е Мјалби, клуб од рибарско село со само 800 жители, кој никогаш досега нема освоено трофеј. Екипата има осум бода предност пред второпласираниот Дјургарден и е на чекор до најголемиот успех во својата историја.
Приказната е уште поинтересна ако се знае дека пред девет години Мјалби бил на работ на испаѓање во четвртата лига, а денес е пред сензационална титула.
Тренер на тимот е Андерс Торстенсон, директор во локалното училиште и поранешен офицер во војската, додека главниот скаут е поштар. Поголемиот дел од играчите се родени во селото или во неговата околина, а буџетот на клубот е само една осмина од оној на актуелниот шампион Малме.
„Никој не може да ни го одземе ова што го правиме. Имаме подобар тимски дух од Реал Мадрид и подобро се подготвуваме за натпреварите од Манчестер Јунајтед“, вели Торстенсон.
Мјалби сезонава веќе постави рекорд со 57 освоени бода по 24 кола, а потребни му се уште 11 во преостанатите шест натпревари за да го урне и апсолутниот рекорд во шведскиот фудбал. Но најважно од сè е да се стигне до титулата и оваа неверојатна приказна да добие хепиенд.