Динамо Загреб наскоро ќе ги претстави Габриел Видовиќ и Матео Перез Винлоф како нови играчи на клубот, а обајцата пристигнуваат од редовите на германскиот гигант Баерн Минхен. Нивниот трансфер доаѓа веднаш по разделбата со легендите на клубот – Бруно Петковиќ и Марко Пјаца, кои официјално го напуштија „Максимир“.
Видовиќ, 20-годишниот хрватски офанзивец, веќе им е познат на навивачите минатата сезона ја одигра во дресот на Динамо како позајмен играч. За време на својата една година во Суперспорт ХНЛ, Видовиќ постигна седум гола и запиша три асистенции во 27 настапи, додека по еднаш се запиша во листата на стрелци и во Купот и во Конференциската лига.
Иако Динамо уште тогаш беше заинтересиран за негов постојан останок, откупната клаузула од 3.5 милиони евра што ја постави Баерн беше преголема за хрватскиот шампион. Затоа Видовиќ се врати во Минхен, но откако беше изоставен од списокот на патници за Клубското светско првенство во САД, Баерн мораше да донесе конкретна одлука – а таа е продажба во Загреб за околу милион евра.
Со Перез Винлоф, шведски лев бек од младинскиот погон на Баерн, Динамо добива уште еден талентиран фудбалер во процесот на реконструкција по заминувањето на неколку клучни имиња.