Алжирскиот репрезентативец Исмаел Бенасер е ново големо засилување на Динамо Загреб. Фудбалерот на Милан пристигна во хрватскиот шампион и оваа сезона ќе ја мине како позајмен играч, со тоа што „модрите“ ќе имаат и опција за целосен откуп на неговиот договор на крајот на сезоната. Бенасер веќе е во Загреб, а останува само да го заврши задолжителниот лекарски преглед.
Сепак, тој нема да има шанса да ги одигра сите натпревари на новиот клуб. Познато е дека ќе пропушти најмалку осум европски мечеви на Динамо, а доколку биде повикан и на Африканскиот куп на нации кој започнува на 21 декември, можно е да изостави уште една натпреварувачка обврска во првенството.
Најголем проблем за „модрите“ е тоа што Бенасер нема да може да настапува во главната фаза од Лига Европа. Рокот за пријавување на играчи веќе истече, а Динамо пријави 23 наместо дозволени 25 фудбалери на А листата поради недостиг на домашни играчи. Нови имиња може да се додаваат исклучиво на Б листата која е резервирана за млади фудбалери од академијата.
Бенасер ќе има право да дебитира во Лига Европа дури ако Динамо обезбеди место меѓу 24-те најдобри во групната фаза. Во тој случај, на пролет Алжирецот ќе биде регистриран за нокаут фазата.