Дел од разговорот кој македонскиот голман Столе Димитриевски го имаше во подкастот на Лазаров, одекна силно во Шпанија, Македонецот ја откри вистината за која шпанските медиуми пишуваа и претходно, но од Валенсија негираа.
Димитриевски чекаше сезоната да заврши за Мамардашвили да замине и тој да застане меѓу стативите на голот од Валенсија, но наместо тоа тие го позајмија голманот на Атлетик Билбао, Хулен Агирезабала кој сега е прв чувар на мрежата.
Шпанските медиуми пишуваа дека во договорот меѓу Валенсија и Атлетик Билбао има клаузула дека Агирезабала мора да брани барем 30 проценти од натпреварите. А тоа значи дека тренерот треба да се води според договорот на хартија, а не кој е подобар.
„Сезонава пристигна втор голман со клаузула дека мора да брани најмалку на 30-отсто од натпреварите. Тоа значи дека нема реална конкуренција. Без разлика дали јас бранам добро или лошо – ќе бидам надвор од составот, бидејќи во спротивно клубот ќе мора да плати пенали“, изјави Димитриевски.
Проблемот е уште поголем поради тоа што своевремено кога шпанските медиуми пишуваа за ваквиот договор, тренерот Корберан го демантираше тоа велејќи:
„Во Валенсија никој не игра по договор. Позицијата на голман е специфична. Некои клубови ротираат, некои држат континуитет, но изборот секогаш е спортски, не административен“, изјави тогаш тој.
Со исклучок на изјавата на тренерот на Валенсија, од клубот никогаш немало официјален демант за договорот на Агирезабала, оттаму велеле дека без разлика на се, голманот се бира поради спортски причини.
Шпанските медиуми сега пишуваат дека изјавата на Димитриевски предизвикала бура во Валенсија во момент кога клубот треба да се обедини за да излезе од резултатската криза.
Македонскиот голман само ја потенцираше неправдата со која се соочува и која го боли, а поради тоа веројатно нема да му биде едноставно кога ќе се врати во Валенсија по настапите за Македонија.
Македонската фудбалска репрезентација утре во пријателски меч ја пречекува Летонија од 18 часот, а пет дена подоцна гостуваме на Велс во последниот меч од квалификациите за ЕП.