Тренерот на Валенсија, Карлос Корберан откри дека Столе Димитриевски се извинил за коментарите дадени во гостувањето на подкастот на Стефан Лазаров, но популарните „лилјаци“ не му прогледаа низ прсти и парично го казнија.
Столе Димитриевски крена голема прашина на Местаља со информациите кои ги сподели на гостувањето на подкастот на Стефан Лазаров, тренерскиот штаб на Валенсија се изненадил од изјавите дека Хулен Агирезабала бранел само поради тоа што имал клаузула дека мора да одигра 30% од натпреварите, во спротивно „лилјаците“ ќе треба да плаќаат пенали на Атлетик Билбао.
Македонецот денеска се врати во Валенсија, веднаш имал средба со тренерот Карлос Корберан и се извинил, но не куртулил од казна, па ќе биде „удрен“ по џебот во согласност со интерните правила.
„Разговарав со Димитриевски и тој се извини бидејќи изјавите беа погрешни и неточни“ – вели Корберан.
„Во Валенсија, ниту еден фудбалер игра или пак не игра поради тоа што му стои во договорот. Тој е свесен за ова, па им се извини на соиграчите и тренерскиот персонал“.
„Согласност интерните правила, ќе добие соодветна парична казна“.
„Со оглед на тоа дека тој се извини и разговаравме, за мене целата оваа работа е завршена“.