Левиот бек на Интер и Италија, Федерико Димарко се појави пред новинарите за да ја објасни својата реакција кога виде дека Босна и Херцеговина го доби баражот против Велес и ќе биде следниот противник на „аѕурите“.
Федерико Димарко се најде во вниманието по триумфот на Италија над Северна Ирска во полуфиналето во баражот за мундијалот, левиот бек заедно со неколку соиграчи се радуваа на победата на БиХ на пенали против Велс.
Многумина сметаа дека ова било големо непочитување кон Босанците, односно дека Италијанците веруваат дека многу полесно ќе поминат против Един Џеко и дружината.
Па Федерико Димарко попладнево се појави пред новинарите за да ја раскаже својата страна на приказната.
„Знам дека бев главниот лик во еден инцидент по натпреварот против Северна Ирска, па сакам да кажам дека има почит кон секој клуб и секој национален тим. Едноставно тоа беше една обична инстинктивна реакција“ – вели левиот бек.
„Заедно со соиграчите ги следевме пеналите за да дознаеме со кого ќе играме“.
„Веднаш му честитав на Џеко, со кого играв во Интер, и навистина сум среќен за него. Си разменивме неколку пораки и мило ми што ќе го видам во финалето. Во никој случај не покажав непочитување кон Босна и Босанците“.
„Велат дека сум бил арогантен… Како може да бидам арогантен кога не сме биле на Светско првенство од 2014 година? На памет не ми паѓа нешто такво“.
„Ако веќе зборуваме за непочитување, мислам дека е покажано непочитување кон нас, бевме снимани во тој контекст, каде имаше и пријатели, семејство и деца“.