Напаѓачот на Рома, Пауло Дибала вели дека ставил многу работи на кантар и парите не биле пресудни кога решил да одбие преселба во Саудиска Арабија.
Пауло Дибала минатата недела беше на чекор до трансфер во Ал Кадсија, Аргентинецот го испразни шкафчето во тренинг центарот на Рома и се поздрави со соиграчите и персоналот.
Сепак, тој во последен момент се предомисли и реши да остане на Олимпико во Рим.
Во разговор со Скај Италија, Пауло Дибала беше запрашан зошто одбил 75 милиони евра за тригодишна соработка?
„На сите првото прашање им е за парите. Ставив многу работи на кантар, како моето семејство, мојата сопруга, градот, тимот, желбата да се вратам во репрезентацијата на Аргентина. Имам 30 години, се чувствувам добро, и покрај тоа што добивам многу критики за моите повреди“ – вели напаѓачот.
„Јасно е дека не можам да кажам дека не размислив добро кога видов колку пари ми нудат, но во предвид мора да земете еден куп други работи, и затоа донесов таква одлука“.
Запрашан како реагирал неговиот агент, кој остана без богата провизија, Дибала рече: „Ова не менува ништо за мојот агент. Некои луѓе велат дека и тој загубил многу пари, но тоа не е точно. Тој сака јас да бидам среќен. Тој не е само мојот агент, тој исто така ми е и пријател“.