Фудбалерите на Милан ќе се судрат со Болоња во финалето на Копа Италија. Натпреварот ќе се одигра во Рим на култниот „Олимпико“, а веќе се распродадени сите билети односно речиси 60.000.
Меѓу најсреќните кои ќе го следат овој спектакл во живо ќе има и македонски навивачи. Станува збор за фан клубот „Диаволи Македонија“ кои активно патуваат на многу натпревари во текот на сезоната.
Група од десетина Македонци веќе е во Рим и ќе го проследи финалето со надеж дека „росонерите“ по пауза од 22 години ќе го кренат трофејот во ова натпреварување. „Диаволи“ со ова ја продолжија низата патувања на натпреварите на Милан. Ова патување ќе остане запаметено за групата, но особено за двајца од неа бидејќи падна и запросување во „вечниот град“ на ден пред натпреварот.
Милан во последните десет години играше две Куп-финалиња, ама двете ги загуби од Јувентус во времето на доминацијата на „старата дама“.