Анхел ди Марија се врати таму каде што сè започна – во Росарио Централ. Аргентинскиот ас конечно го оствари детскиот сон и официјално стана ново засилување на клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори.
Враќањето во родниот клуб беше долго најавувано, а сега и официјализирано. Ди Марија пристигна во Аргентина веднаш по настапот со Бенфика на Светското клупско првенство и веќе беше претставен пред новинарите. Емоциите го совладаа 37-годишниот крилен напаѓач, кој низ солзи изјави дека конечно е дома.
„Мечтаев за ова. Сакав да се вратам порано, но не можев. Сега сум тука, со моето семејство, на стадионот каде што сè започна. Ова е мојот сон“, рече Ди Марија.
Фудбалерот кој во кариерата ги носеше дресовите на Бенфика, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, ПСЖ и Јувентус, и ги освои сите можни клупски и репрезентативни трофеи, најави дека ќе даде сè за Росарио, клубот во кој најверојатно ќе ја заврши својата славна кариера.