Хадерсфилд тргна добро во англиската Премиерлига, по
девет одиграни кола со 12 бода се наоѓа на средина од табелата, што е сосема
солидно за тим што сака опстанок во елитното друштво.
Изминатиот викенд Хадерсфилд сензационално го совлада
Манчестер јунајтед пред своја публика со 2-1, а интересна приказна ни
пристигнува од Островот која се поврзува со неделната средба.
Млад навивач на Хадерсфилд пронашол пет фунти на „Џон
Смит“ арената, а потоа се решил истите да му ги испрати на австралијанскиот
интернационалец Арон Мој кој беше најдобриот поединец на мечот, а воедно
стрелец и на водечкиот гол за својот тим.
Во писмото кое му го пратил на Мој, деветгодишниот Адам
Бана му пишал: „Мој,
можеш да ги задржиш овие пари бидејќи одигра одличен натпревар и постигна гол“.
Писмото до Мој на социјалните мрежи го објави директорот
на Хадерсфилд, Шон Џервис, а таткото на младиот навивач, Мо објаснува дека
неговиот син можеби имал и други намери.

„Можеби тој сакал да ги даде за клубот да направи
трансфер на Роналдо во Хадерсфилд, но потоа го променил своето мислење и му ги
дал на Мој“ рече таткото на младиот навивач.