Падна во вода
победата на Реал Мадрид на „Ел класико“, вечерва избраниците на Зинедин Зидан
загубија на „Бенито Виљамарин“ и сега повторно се втори на табелата со два бода
помалку зад лутиот ривал.
Во возбудлив
натпревар, Бетис по повеќе од седум години се радува на победа над „кралевите“,
а трите бода ги донесе токму поранешен играч на Барселона.
Резултатот беше
отворен во 40. минута, домаќините бараа пенал за старт на Рамос врз Фекир, и
додека сите погледи беа кон судијата, Сиднеј биеше силно на првата статива и го
совлада Куртоа.
Но во судиското
надополнување на првиот дел, токму Сиднеј реагираше неспретно во сопствениот
шеснаесетник, го собори Марсело за најстрога казна, а Бензема од белата точка
реализираше за 1-1.
Во продолжението
од мечот, двата тима имаа свој прилики, а голот вреден три бода за Бетис падна
во 82. минута. Бензема погрешно додаде и отвори контра на „зелено-белите“ која
рутински ја заврши Кристијан Тељо.
Реал силно
притисна во завршницата, голот на Бетис висеше, но гостите на крајот мораа да
се помират со пораз.