Попладнево беа одиграни уште два дуели од шестото коло во Првата лига, по кои веќе нема екипа со перфектен биланс од стартот на сезоната.
Силекс вчера киксна кај Башкими (2-1), а денеска и Струга, која исто така имаше пет победи во низа, не успеа да продолжи во исто темпо и на свој терен ремизираше со Шкендија (1-1).
Првото полувреме мина без голови, но во вториот дел мрежите сепак се тресеа. Гостите поведоа преку Тамба во 53. минута, за Струга да израмни на десетина минути пред крајот.
Токму Струга и Силекс ќе се сретнат во дербито на следното коло во Кратово, додека Шкендија ќе игра против Тиквеш.
Кавадарчани денеска стигнаа до првата победа сезонава и со минимални 1-0 го совладаа последнопласираниот Шкупи. Херој беше Садик кој погоди во 27. минута.
И покрај триумфот, Тиквеш можеше многу порано да ја реши приказната, Гроте на голот на чаирчани собра дури 11 интервенции и ги држеше своите во игра. Ивановски промаши шест изгледни шанси, а впечатокот за Германецот на крајот сепак беше расипан кога доби директен црвен картон за груб старт надвор од шеснаесетникот.
По овој пораз, Шкупи останува закован на дното со нула бодови од шест натпревари, додека Тиквеш со пет освоени бодови се искачи на деветтото место.