Ако по утрото денот се познава, тогаш сезоната во Првата македонска фудбалска лига ветува многу. Првите два петочни натпревари понудија вкупно 11 погодоци и високи домашни победи. Денеска на програмата се уште две средби, ќе се игра прволигашки фудбал во Струга и Куманово.
Поранешниот шампион Струга Трим Лум е домаќин на второлигашкиот првак од минатата сезона Македонија Ѓорче Петров. Со изменети состави во однос на лани, ама и поконцентриран квалитет кај стружани ќе се влезе во оваа средба. Домаќинот има фаворитска улога, меѓутоа „лавовите“ на Бобан Грнчаров со сигурност нема да бидат лесен плен.
Во Куманово по долга пауза одново ќе се игра прволигашки фудбал. Еуфоријата во овој град е огромна, а Башкими е подготвен за предизвикот. На стартот на сезоната за противник овој тим го има ланскиот второлигашки ривал Арсими. За фаворити е тешко да се зборува бидејќи двата тима доста менуваа ова лето.
Двете средби од ПМФЛ денес се играат во терминот од 17:30 часот.