Денешната програма од 21. коло во Првата македонска фудбалска лига го носи и големото дерби помеѓу Вардар и Шкендија, натпревар кој се смета за еден од клучните во трката за шампионската титула оваа сезона.
Вардар ќе ја има улогата на домаќин на тренинг-центарот на ФФМ, каде што ќе го пречека големиот ривал од Тетово. За Шкендија овој натпревар има огромно значење, бидејќи евентуален пораз би значел заостанување од дури седум бода зад „црвено-црните“.
Фудбалерот на Вардар, Георгије Јанкулов, нагласи дека тимот е свесен за важноста на натпреварот и дека дербито може да има големо влијание врз текот на шампионатот.
„Денеска е дерби меч кој што може да го одлучи шампионатот. Ние се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Дополнителна мотивација нема да биде потребна, дресот на Вардар е сам по себе мотивација за секого. Противникот е анализиран, се знае која е Шкендија. Максимално сме подготвени и фокусирани на нивните јаки но и слаби страни кои што ќе се обидеме да ги искористиме. По два тешки меча, екипата е подготвена да се врати на победничките патеки и да заборави што се случуваше претходно. Денеска како и на секој меч одиме на победа, иако играме против одлична екипа како што е Шкендија“ – изјави Георгије Јанкулов.
Во пресрет на дербито свој став изнесе и фудбалерот на Шкендија, Лиридон Латифи, кој истакна дека тимот е целосно фокусиран на овој натпревар.
„Имавме тешки натпревари и игравме во Европа, но сето тоа е зад нас и фокусот е ставен на дербито, се надеваме ќе заврши во наша корист. За нас не е важно каде играме, единствено што е важно е да имаме еднакви услови со противникот од сите аспекти. Верувам ќе гледаме добар фудбал, а потоа ќе се види кој што може да покаже“, изјави Латифи.
Дербито меѓу Вардар и Шкендија е закажано за денеска од 14:00 часот, додека вториот натпревар од денешната програма ќе се одигра во Битола од 16:00 часот, каде Пелистер ќе го пречека Силекс.