Денеска на програмата се два натпревари од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), крај Охридското езеро перфектната Струга ќе го пречека актуелниот шампион Шкендија, а во Кавадарци Тиквеш игра против Шкупи.
По пет одиграни натпревари Струга има исто толку победи, засега се единствениот тим без пораз откако Силекс синоќа загуби од Башкими.
Но денеска е вистинскиот тест, во Струга доаѓа Шкендија која има амбиција да ја одбрани шампионската титула.
Тетовскиот тим во Струга доаѓа да ги освои сите бода, тоа им е целта на секој натпревар.
„Тимот изгледа многу добро по натпреварот со Башкими кој не беше вооопшто лесен. Свесни сме дека нема лесни натпревари и секогаш даваме максимум. Подготвени сме во Струга да дадеме се од себе и да победиме. Ќе биде дерби. Знаеме дека нашиот противник е во одлична форма, но ние сме Шкендија и на секој меч одиме на победа, а таа цел ќе не води и денеска. Верувам дека ќе излеме како победници. Оваа форма која ја има Струга, и нашата добра форма како и успешното лето во Европа, верувам дека ќе биде доволен мотив на публиката да дојде на стадионот во Струга. Исто така очекувам поддршка и од нашите навивачи кои секогаш не поддржуваат. Затоа верувам дека ќе биде вистинско дерби“, рече фудбалерот на Шкендија, Имран Фетаи.
Во фантастична форма за Струга игра Басиру Компаора кој постигнуваше голови на сите пет досегашни натпревари.
„Фудбалот е колективна игра, еден играч не може да стори речиси ништо против цел колектив, а јас имам среќа што поддршката од соиграчите ми е навистина феноменална. Ќе се потрудиме максимално и на дербито против Шкендија да одиграме на највисоко ниво и да оствариме посакуван резултат. Јасно е дека нема да биде лесно, против нас ќе биде актуелниот првак, но ние веруваме во нашите способности и сигурно ќе имаме голема поддршка од трибините. Секако дека посакувам погодок, но не е важно дали јас ќе бидам стрелец, туку најважно е Струга Трим Лум да победува. Досега беше фантастично, да се надеваме дека ќе продолжиме во ист стил и на дуелот со Шкендија, а потоа и во продолжението од првенството“, вели Басиру Компаоре во пресрет на дербито.
Во вториот денешен натпревар Тиквеш и Шкупи ќе се борат за првата победа оваа сезона.
Двата натпревари почнуваат од 15:30 часот.