Пред пет години Ливерпул беше во добра позиција конечно да ја освои Премиерлигата, но загубија на Енфилд од Челси. Капитенот Стивен Џерард киксираше, се лизна, тоа го искористи Демба Ба и постигна гол.
Оваа сезона Ливерпул води жестока битка со Манчестер Сити за титулата, и повторно Челси му доаѓа на Енфилд, па англиските медиуми се сеќаваат на моментот од минатото.
Стрелецот на голот, Демба Ба вели дека воопшто нема емоции за тој гол, ниту му е жал за Џерард и Ливерпул, ниту пак бил радосен за Манчестер Сити што ја освоија Премиерлигата тогаш.
„Не ми беше жал за него. Не сум фан на Стивен Џерард. Не сум фан на Ливерпул. Не сум фан ниту на Манчестер Сити па да бев среќен што тие ја освоија лигата“, вели Демба Ба.
„Тоа е дел од играта. Исто како што минатата година Кристал Палас со обезбеден опстанок, немаше за што да игра, отидоа кај Стоук, ги победија и ги исфрлија од лигата. Одите, ја вршите вашата работа, одите за да победите“.
BetAdria: Ливерпул – Челси 1,68 4,10 5,30
Демба Ба вели дека неговиот гол против ПСЖ е погодок кој му враќа спомени, а тој на Енфилд е само обичен гол за него.
„Кога зборувате за голот кој го постигнав против ПСЖ, тоа е гол кој не однесе во полуфиналето од Лигата на шампионите. Тоа е значаен гол кој го паметам“.
„Но голот на Енфилд не ни донесе ништо важно освен тоа што го победивме Ливерпул на гостински терен. Не не однесе на повисоко ниво, не ја освоивме лигата или било што. Тоа е како и секој нормален гол кој сум го постигнал“.
Мечот меѓу Ливерпул и Челси се игра во недела со почеток од 17:30 часот.