Како што пренесува Мундо Депортиво, тренерот Ханси Флик веќе го известил спортскиот директор Деко кои треба да бидат приоритетите на трансфер пазарот – централен дефанзивец, крило и напаѓач.
Иако сме само декември месец, Ханси Флик почнал да крои планови за следната сезона, тренерот на Барса седнал на состанок со спортскиот директор Деко за да ги дефинираат приоритетите – централен дефанзивец, крило и напаѓач.
Најважна мисија е ангажман на централен дефанзивец, и тоа по можност левак.
Заминувањето на Ињиго Мартинез во последен миг ги остави „каталонците“ без природен лев стопер, и ова донесе доста проблеми. Не само што Кубарси е принуден да игра надвор од својата омилена позиција, ниту еден од сегашните дефанзивци не ја читаат офсајд линијата како Баскиецот, кој беше клучна фигура во последната линија минатата сезона.
Доколку постои можност, Барселона ќе реагира уште во јануари, но за ова треба да се поклопат многу коцки, односно да се најде соодветно име, а и пари за реализирање на зделката.
На листата со желби се Гонсало Инасио од Спортинг Лисабон, Муриљо од Нотингем, Нико Шлотербек од Борусија Дортмунд, Бенедети од Палмериас и Марк Геи од Кристал Палас.
Второ, клубот мора да размислува за живот после Роберт Левандовски, кој ги одработува последните месеци од договорот, плус летоска ќе наполни 38 години.
Хулијан Алварез е по мерак на сите, но со влегувањето на инвестицискиот фонд „Аполо“ во Атлетико Мадрид ја прави операцијата прилично комплексна.
Ерлинг Халанд исто така делува на невозможна мисија, па затоа во последно време се почесто се говори за трансфер на Хари Кејн, кој има откупна клаузула од 65 милиони евра.
„Каталонците“ сакаат да додадат и крилен фудбалер, опцијата за перманентен трансфер на Маркус Рашфорд е поставена на 30 милиони фунти, но се ќе зависи од неговата форма во текот на сезоната.
Рафаел Леао од Милан е на листата со желби, а Барселона ќе треба да биде подготвена и во случај Рафиња да реши да прифати некоја примамлива понуда од Саудиска Арабија.