Македонскиот фудбалски тренер, Ален Саздов е дел од МЛС гигантот, Њујорк Сити кој е дел од Сити Груп, групацијата која е сопственост и на Манчестер Сити. Македонецот работи со младинските екипи на њујоршкиот клуб.
Саздов со фудбал почнува да се занимава од млади години во локалниот клуб Овче Поле во Свети Николе бил голман. Во 2006 година се приклучува на младинскиот тим на Работнички Кометал каде истата година ја освојува двојната круна, младинската лига и купот. На повик на тренерот на голманите Мане Манев добива повик да се приклучи во првиот тим на Работнички. Потоа прави трансфер во Македонија Ѓорче Петров со кој потпишува четиригодишен договор, настапува и за Маџари Солидарност.
Во 2021 година се сели во САД, а веќе наредната година се вработува како тренер во Комјунити фрст сокер клуб во Њу Џерси како главен тренер на три генерации од младинската школа, момчиња 2011 и 2012 и девојчиња 2013. Со трите тима освојува три првенства и два турнири од пет финалиња. По овој успех е промовиран како директор за развој на играчи во престижната академија БСМ Елит каде останува до септември оваа година.
Неговата работа брзо станува забележана меѓу фудбалските работници во САД па добива понуди од најпрестижните академии во Њу Џерси, ФК Копа и Принтсетон Сокр Клуб, но на негова адреса стигнува понуда и од МЛС гигантот Њујорк Сити која не се одбива. Сега тој е тренер во младинската академија на овој клуб, работи во младинскиот погон во тимот за фудбалери до 15 години. Очекува промоција во Талент центарот на Њујорк Сити каде доаѓаат играчи од секаде на проба.
Ален Саздов вели дека во моментов фудбалот во САД станува исклучително популарен и атрактивен за младите генерации, а тоа отвора перспектива и за тренерите.
„Во моментов фудбалот во Америка е во експанзија, особено во Њу Џерси и Њујрок. Бројот на прватни академии секојдневно се зголемува, а со тоа и квалитетот на играта и побарувачката за квалитетни тренери. Летово имав понуди од многу големи приватни акдемии на клубови кои се натпреваруваат во МЛС Некст и УСЛ 1 и 2, но во истовреме дојде понудата од Њујорк Сити ФК која се разбира ја прифатив без размислување. Да се биде дел од Њујорк Сити е привилегија за мене. Целата структура е толку добро огранизирана, од тренинзи до едукација како и самиот почит кои го добиваме како тренери од страна на клубот. Исто така вложуваат во лиценцирањето на тренерите и го покриваат финансискиот дел од курсот кој тука и тоа како е скап. Во Њујорк Сити имаме рекреативна програма за деца од 4+ години, пре-академија и академија“, вели Саздов.
Тој не планира тука да застане со својот развој, негова цел е да стане тренер на прв тим.
„Мојата цел како тренер е првиот тим, но се разбира пред мене е голема работа и секако да го докажам мојот потенцијал. Почнав да се занимавам со тренерска работа пред две години. Првата година работев како тренер на три екипи каде на ое изненадување со сите тимови го освои првенството и неколку турнири што понатаму ми ја отвори вратата за успех и понуди од поголеми клубови. Мојата визија за патот до успехот е јасна. Се надевам дека моите планови ќе се остварат и ќе се радуваме на многу успеси. Би сакал да им се заблагодарам на Мане Манев и Јовче Џипунов за влијанието кое го имаа врз мене додека бев играч, наученото од нив го користам и ден денес“, заклучи Ален Саздов.