Де Хеа одбрани два пенали и го фрустрираше Милан, Фиорентина се радува на победа (ВИДЕО)

by bojan
2 минути читање
Де Хеа

Давид Де Хеа е херојот на Фиорентина во пресметката со Милан, голманот одбрани два пенали и помогна неговиот тим да стигне до победа од 2-1

Во последниот натпревар од 7. коло во Серија А, Фирентина го совлада Милан во натпревар на кој беа промашени дури три пенали.

Кин не реализираше од белата точка во 22. минута и пропушти да ги донесе домаќините во водство. Сепак, „виолетовите“ го отворија резултатот во 35. минута, Адли погоди против својот поранешен клуб за 1-0.

Во финишот на првиот дел, Милан имаше шанса да изедначи, но Де Хеа го одбрани пеналот на Тео Ернандез.

По десетина минути игра во второто полувреме, „росонерите“ имаа нова прилика од пенал, Абрахам превзеде одговорност, но и овој обид беше спречен од Де Хеа.

Голманот сепак капитулираше по еден час игра, кога Пулишиќ одлично се снајде на подалечната статива и ја затресе мрежата за 1-1.

Сепак, Милан не го искористи психолошкиот моментум, во 73. минута од мечот, Кин спушти една топка а Гудмундсон прецизно биеше од врвот на шеснаесетникот за огромна радост на домаќините.

До крајот на натпреварот, Де Хеа уште еднаш ги фрустрираше гостите и го одбрани обидот на Чуквуезе, а на спротивната страна, Кин ја погоди стативата, па на семафорот остана резултатот 2-1.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани