Ѕвездата на Манчестер Сити и Белгија, Кевин де Брајне вели дека ФИФА повеќе ја интересираат парите отколку гласот на фудбалерите и смета дека згуснатиот календар ќе се одрази врз здравјето на фудбалерите.
Во светот на фудбалот се вртат многу пари, но секогаш се бара можност за екстра профит, па така ФИФА реши да го промени форматот на Светското клупско првенство, кое во иднина ќе брои дури 32 екипи, а првиот турнир ќе се одржи во САД во периодот од 15. јуни до 13. јули.
„Вистинскиот проблем ќе излезе на виделина следното лето, по Светското клупско првенство“ – вели Кевин де Брајне.
„Ќе има само три недели помеѓу финалето на Светското клупско првенство и првиот натпревар во Премиерлигата. Па ќе имаме само три недели да одмориме и да се подготвиме за нови 80 натпревари“.
„Можеби оваа сезона ќе помине добро, но следната сигурно ќе биде проблематична. Проблем е тоа што УЕФА и ФИФА постјано додаваат нови натпревари на календарот“.
„Ние (фудбалерите) го кренавме гласот но не е пронајдено решение. Се чини дека парите се погласни отколку гласот на фудбалерите“.
Во јуни месец, Меѓународната асоцијација на професионални фудбалери (ФИФПро) поднесе тужба против ФИФА поради згуснатиот распоред и хаосот кој ќе се креира со новиот формат на Светското клупско првенство.