Голманот на Селтик, Каспер Шмајхел, се соочува со сериозна повреда која може да значи и крај на неговата кариера.
Искусниот чувар на мрежата веќе извесен период бранеше со силни болки во рамото, повреда која ја заработил за време на настапите за данската репрезентација. Состојбата во меѓувреме дополнително се влошила, па Шмајхел ќе мора да оди на дури две операции. Според првичните прогнози, рехабилитацијата би можела да трае меѓу 10 и 12 месеци, што е сериозен удар за 39-годишниот голман и отвора дилема дали воопшто ќе се врати на терените.
„Се соочувам со две операции на рамото. Искинав бицепс, ротаторната манжетна, го дислоцирав рамото и оштетив дел од него. Сè е уништено. Изгледа дека ќе морам на рехабилитација од 10 до 12 месеци. Не знаете како да реагирате на ова. Можно е веќе да го имав последниот натпревар. Фудбалер сум од раѓање. Самата помисла на тоа е поразителна. Сето ова ми е многу, многу тешко да го прифатам во овој момент“, изјави Шмајхел.
Првата операција е закажана за петок, а и покрај тешките прогнози, данскиот голман најавува дека нема да се предаде и ќе се обиде да се врати на теренот.
„Мојот став е: „Во ред, ќе дадам сè од себе и ќе видам дали можам да се вратам“. Ако успеам да се вратам по ваква повреда, тоа веројатно ќе биде еден од најголемите подвизи во мојата кариера. Ќе се борам и ќе се обидам со сè што можам“.
Едно е сигурно, а тоа е дека Шмајхел го скока мартовскиот репрезентативен циклус во кој Данска ќе ја дочека Македонија во баражот за Светското првенство.