Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година денеска го одработи и последниот тренинг пред утрешниот натпревар од второто коло во квалификациите за ЕП 2027.
Пред овој натпревар своите очекувања ги сподели и фудбалерот на Вардар, Димитар Данев кој очекува атмосферата во Битола да биде прекрасна.
„Очекувам прекрасна атмосфера, полн стадион и победа на Македонија. Кога го носиме македонскиот дрес, императивот секогаш е победа. Респект за Италија, знаеме што значи таа репрезентација за светскиот фудбал, но ние сме одлучни и утре ќе одиме на триумф. Италија е силна во организацијата на играта, треба да бидеме компактни во дефанзива и доволно брзи во нападот“.
Во првото коло Македонија беше поразена од Полска, но како што вели Данев тој натпревар е веќе зад нас.
„Грешките се препознаени, а после мечот во Краков, фокусот ни е целосно на Италија. Како и секоја екипа, така и тие имаат слабости. Ќе дадеме сè од себе да ги искористиме и во Битола да ја израдуваме Македонија, тоа би била нашата честитка за големиот празник.“
Натпреварот утре се игра на стадионот „Петар Милошевски“ во терминот од 18:15 часот.