Манчестер јунајтед трета година по ред губи на гостувањето кај Вест Хем, „чеканите“ попладнево со контроверзен пенал во 92. минута стигнаа до победа од 2-1.
„Ѓаволите“ со празни раце се враќаат од гостувањето кај Вест Хем и покрај тоа што во првото полувреме креираа доволно шанси да водат со два или три гола разлика.
Далот го имаше промашувањето на сезоната, доби топка во фор, го помина и Фабијански, за потоа од неколку метри да промаши празен гол.
Откако Вест Хем ги преживеа првите 45 минути, домаќините заиграа подобро во продолжението од мечот, беа поопасен противник и поведоа во 74. минута, Самервил се најде на право место и го матираше Онана за 1-0.
Манчестер јунајтед брзо одговори, Касемиро со глава ја затресе мрежата за 1-1 во 81. минута.
Но Боуен од белата точка во 92. минута се погрижи Вест Хем да стине до 2-1 и трета година по ред да слави над Манчестер јунајтед пред своите навивачи. Пеналот беше досуден под контроверзни околности, се прегледуваше дали Де Лихт го фаулираше Ингс, и дали стартот на Холанѓанецот беше пред играњето со рака на Англичанецот. По долга проверка со ВАР, беше досудена најстрога казна на големо негодување на гостите.
На останатите два натпревари од 15 часот, Челси со 2-1 го совлада Њукасл а Кристал Палас ја забележа првата победа оваа сезона и со 1-0 го совлада Тотнем.