Барселона и Реал Мадрид одиграа меч без голови на Камп Ноу, а поранешниот судија Итуралде Гонзалез кој сега е стручен аналитичар за „АС“ и „Карусел Депортиво“ смета дека кралскиот клуб бил оштетен.
Двата спорни моменти се случуваат во две минути и двата се врз Рафаел Варан.

Во 18. минута Варан доби удар со отворен ѓон од Ленглет. Но ниту судијата ниту ВАР сметаше дека тука има услови за пенал. Мислењето на Итуралде Гонзалез е поинакво.
„Тоа е многу чист пенал бидејќи има опасна игра. Крампоните од копачката оставаат траги на ногата. Се работи за директен контакт во шеснаесетникот и тоа е пенал“, вели Гонзалез.

Две минути подоцна при нафрлување од корнер Варан беше спречен да скокне и можеби да постигне гол. Беше влечен за дрес од Ракитиќ.
„Тоа е намерно влечење во шеснаесетникот и е пенал. Имаше два пенали за две минути над Варан“, тврди поранешниот судија.