Во четвртфиналето на англискиот ФА куп денеска на програмата е големо дерби меѓу Манчестер Сити и Ливерпул.
Тимот на Пеп Гвардиола во натпреварот влегува со освоен Карабао куп, но и со разочарување по елиминацијата од Лигата на шампионите од страна на Реал Мадрид, додека Ливерпул обезбеди пласман понатаму во истото натпреварување со победа над Галатасарај.
Интересна е ситуацијата и во Премиер лигата, каде што Сити води жестока битка за титулата со Арсенал, а Ливерпул одамна испадна од таа трка.
Поради тоа, веќе се најавуваат можни промени во составите во текот на летото, а во фокусот на вниманието е иднината на Родри. На оваа тема сега зборуваше и Гвардиола.
„Не можам да се сетам на играч кој би одбил да игра за Реал Мадрид. Тоа целосно го разбирам. Тој е роден во Шпанија, па… Би сакал Родри да остане со нас што е можно подолго, бидејќи е неверојатен, врвен фудбалер, но секој во животот го избира она што е најдобро за него“, изјави Гвардиола.
Ваквите зборови на тренерот на Сити јасно навестуваат дека шпанскиот играч за врска, освојувач на „Златната топка“ за 2024 година, би можел на крајот од сезоната да направи голем трансфер и кариерата да ја продолжи токму во Реал Мадрид.