Кристијано Роналдо синоќа за прв пат во својата кариера беше исклучен во дресот на Португалија, сега се чека одлуката на ФИФА за тоа колку натпревари напаѓачот ќе мора да прескокне.
Ирска синоќа со 2-0 ја совлада Португалија и си ги задржа шансите за пласман на Светското првенство, а како бонус за домашната публика, Кристијано Роналдо ги загуби нервите и заработи црвен картон.
По еден час игра во Даблин, популарниот ЦР7 со лакт го удри Дара О’шеј, во прв момент доби само жолт картон, но судијата прегледуваше со ВАР, па ја промени одлуката, извади црвен и го испрати Кристијано Роналдо во соблекувална на воодушевување на домашните навивачи.
Сега на потег е ФИФА и сите со нетрпение чекаат да видат каква казна ќе добие Кристијано Роналдо – за вакво агресивно однесување е предвидена суспензија и до три натпревари.
Португалија до крајот на овие квалификации има само уште натпревар против Ерменија, па доколку Кристијано Роналдо добие суспензија од два или три натпревари, казната ќе треба да ја одработи на мундијалот во САД (под услов да биде обезбеден пласман), или пак во евентуалниот бараж доколку не биде освоено првото место во групата.
Останува да се види дали светската куќа на фудбалот ќе му прогледа низ прсти на Кристијано Роналдо и сам ќе му додели автоматска суспензија од еден натпревар, или пак СП 2026 ќе почне без големиот ЦР7.