Македонскиот
шампион претрпе убедлив пораз од 0-5 на домашен терен од руски Зенит, во првото
коло од групата „Л“ од Лига Европа, а гостинската екипа уште по првото
полувреме имаа капитална предност од 0-3, што им донесе само рутински да ја
доработат својата задача во второто полувреме, што и се случи. Во вториот меч
од нашата група, Реал Сосиедад славеше пред своја публика над Розенборг со 4-0.
Го немаше Новак
во дефанзивната линија, тој беше повреден и беше вон комбинација за настап, а
тоа се ферлектираше негативно во играта на „црвено-црните“ кои додатно го немаа
ниту Спировски во средниот ред, кој си замина од клубот по трансферот во
унгарски Ференцварош.
Четата на
Јаневски делуваше импресионирано од својот противник во почетната фаза од
мечот, па гостите иако немаа некоја иницијатива на теренот, ниту пак посебна доминација,
не само што поведоа против македонскиот првак, туку и не застанаа се до
бројката од три погодоци до крајот на првите 45 минути игра.
Се играше 6. минута
кога при една нафрлена топка од корнер Кокорин биеше со глава за водство на
гостите од 0-1, а фудбалерот на тимот од Санкт Петерзбург беше оставен сам во
оваа ситуација, непречен од никој да бие во мрежата од голот на Гачевски кој
беше немоќен при оваа прилика.
Истиот фудбалер
на гостите, по голот во 6. минута со глава при нафрлена топка од корнер, овој
пат во 21. минута биеше со глава на втората статива по една одлично нафрлена
топка а повторно и во оваа ситуација беше оставен сам, непречен од никого да
бие во мрежата од голот на Гачевски.
Гостите стигнаа и до водство од 0-3 во 39. минута при еден
„подарок“ на Вардарци, Кокорин изби сам во оваа ситуација, но наместо да
реализира хет-трик, тој се реши за мајсторска асистенција за Ѕјуба кому не му
претставуваше проблем да погоди за 0-3, резултат кој остана до крајот на првото
полувреме.
Високото водство
на гостите од 0-3 остана до крајот на првиот дел, а нашиот првак остана и без
Брдаровски кој во самиот финиш на полувремето мораше да биде заменет со Глишиќ
поради повреда.
Вардарци ја
консолидираа играта, и тоа уште на стартот на вториот дел, а Николов во 48. минута
имаше прилика да постигне убав гол, но неговиот удар заврши близу дирекот од
противничкиот гол. Продолжи нашиот првак со атак кон голот на Зенит, Барсегјан
само две минути подоцна биеше непрецизно по одлична акција која претходеше на
овој обид.
Иако избраниците на Јаневски ја консолидираа својата игра во
второто полувреме, по она во првото кое сите треба да го заборават, сепак,
Зенит немилосрден, преку Ивановиќ стигна и до водство од 0-4 во 67. минута.
Сепак, се чини клучниот момент во оваа ситуација беше
мајсторијата на Нобоа, кој со петица го измами Николов, по што на крајот
акцијата резултираше со нов гол за гостите.
Конечните 0-5 од средбата во Скопје ги постави Ригони во финишот од мечот.
Тимот од Санкт
Петерзбург со висока и убедлива победа си замина од гостувањето во Скопје, на
Вардар и Чеде Јаневски им преостанува убаво да ја анализираат својата игра
против вечерашниот свој ривал, поточно натпревар кој треба бргу да го заборават
и да се фокусираат на следниот голем предизвик во ова натпреварување, а тоа е гостувањето
кај Розенборг во Норвешка предвидено на 28 месецов.
Ако има уште една
негативност од дуелот со Зенит, Вардар може да жали дополнително и со фактот
што со повреди се здобија Брдаровски и Итало, овој вториот мина само десетина
минути на теренот.
Сепак, она што е за почит, е фактот што вардаровите навивачи, популарните „Комити“ навиваа неуморно во текот на целиот меч во Скопје, бодрејќи го својот омилен тим и во овој голем пораз.
Вардар: Гачевски, Грнчаров, Џигаури, Блажевски (Итало 70’), Николов, Барсегјан,
Велкоски, Глигоров (Марковиќ 64′), Хамбарѕумјан, Фелипе и Брдаровски (Глишиќ 44’).
Мечот во Скопје го судeше данскиот арбитар Јакоб Келет.
Фото: Кочо Сотировски (24фудбал)