Дани Себаљос би можел да ја заврши епизодата во Реал Мадрид уште во текот на овој преоден рок, пренесува „talkSPORT“. Шпанскиот играч за врска оваа сезона има 17 настапи, но само 666 минути на теренот, најчесто во улога на резерва.
Интерес за негов ангажман покажува Астон Вила, која размислува за позајмица со можност за откуп. Клучна фигура во целата приказна е тренерот Унаи Емери, под чие водство Себаљос веќе настапуваше во Арсенал, исто така како позајмен фудбалер од Реал. Емери и претходно јавно истакнувал дека има високо мислење за квалитетите на шпанскиот играч.
Иако има 29 години и зад себе 209 настапи за „кралскиот клуб“, Себаљос никогаш не успеа да се наметне како стандарден првотимец.
Сепак, пред три години Карло Анчелоти имаше голема доверба во него и тогаш изјави дека токму Себаљос може да биде наследник на Лука Модриќ, нагласувајќи дека ги поседува истите фудбалски квалитети.
Себаљос е дел од Реал осум и пол години, откако пристигна од Бетис за 16 милиони евра. Има 13 настапи за шпанската репрезентација со еден постигнат гол, а со мадридскиот гигант освои три титули во Лигата на шампионите.