Фудбалерите на Челси славеа во мечот од петтото коло на Конференциската лига против Астана со 1-3 (1-3).
Средбата на „Централниот стадион“ во Алмати се одигра пред речиси 24.000 луѓе, а на минусни температури од речиси -10 степени. Тоа и фактот дека Енцо Мареска на ова гостување поведе младинци, односно втор тим беше загрижувачки факт за навивачите.
Сепак, „сините“ набрзина си ја завршија задачата во Алмати. Двоен стрелец во 14. и 18. минута беше младиот напаѓач Марк Гуиу, а Ренато Веига во 39. зголеми на 0-3. До полувремето успеа Астана да намали со ефектен гол на Томасов, меѓутоа тоа беше сè.
Вториот дел мина со доминација на Челси, но без погодоци и рутинска игра до крајот на средбата за нови три бода на контото. Досега „сините“ од Лондон имаат максимални 15 бода и импресивна гол-разлика од 21-4 на првото место.