Заборавениот фудбалер на Челси, Михаило Мудрик, повторно тренира, но далеку од тренинг центарот Кобам. Украинскиот репрезентативец беше забележан како ја одржува формата во редовите на полупрофесионалниот Уксбриџ.
25-годишниот крилен напаѓач, кој во јануари 2023 пристигна на „Стемфорд Бриџ“ во трансфер вреден околу 100 милиони евра, на Инстаграм објави видео од индивидуален тренинг на стадионот „Ханикрофт“, домот на клубот што настапува во пониските англиски лиги. На снимката се гледа како шутира по финта и ја погодува рамката од голот, по што топката завршува во мрежата.
Мудрик нема одиграно официјален натпревар уште од дуел во Конференциската лига во ноември 2024 година. Неговите проблеми започнаа во декември истата година, кога беше позитивен на мелдониум, супстанца забранета од Светската антидопинг агенција. По официјалното обвинение од Фудбалска асоцијација на Англија во јуни 2025, следуваше суспензија.
Украинецот цело време тврди дека е невин, но конечната одлука сè уште не е донесена. Додека трае правната битка, неговата иднина на „Стемфорд Бриџ“ е неизвесна, особено ако се земат в предвид бројните промени во тимот во изминатиот период. До тогаш, поранешната ѕвезда на Шахтјор Доњецк останува надвор од терените, чекајќи разврска која би можела повторно да ја оживее неговата кариера.